Средба на претседателката Сиљановска Давкова со премиерот на Црна Гора – Милојко Спајиќ

by Fokus

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, во рамките на официјалната посета на Црна Гора, денеска во Подгорица оствари средба со претседателот на Владата на Црна Гора, Милојко Спајиќ.

На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, европските аспирации и состојбите во регионот.

Претседателката Сиљановска Давкова изрази задоволство од досегашниот развој на односите и соработката, кои ги карактеризира традиционално силно пријателство, идентични ставови по однос на развојот на меѓународната и регионалната соработка, со заеднички стратешки цели – мир и стабилност во регионот и членство во ЕУ.

Сиљановска Давкова го истакна очекувањето напредокот во македонска евроинтеграција да биде еволуиран праведно, врз основа на Копенхагенските критериуми и изрази очекување за споделување на експертизата и искуствата на црногорската администрација во преговорите со Унијата.

Таа истакна дека меѓу нејзините главни приоритети е регионалната соработка, посочувајќи дека преку почитување и поттикнување заедништвото во регионот, можеме да ја забрзаме интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ. Во таа насока, соговорниците предложија конкретни решенија: повторно воспоставување на директна авиолинија, формирање на културни центри во двете држави, како и што поскоро одржување на меѓувладина седница. Премиерот ја нагласи подготвеноста за споделување на досегашните црногорски евроинтеграциски искуства со македонските институции.

Соговорниците заклучија дека е потребен брз и голем исчекор во економската соработка која ќе ги следи одличните политички односи.

 

Поврзани новости