Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими амбасадорката на Република Хрватска, Нивес Тигањ.
На средбата се разговараше за одличните билатерални односи коишто се одликуваат со интензивен политички дијалог и конструктивна соработка во сите сфери од заемен интерес. Во таа насока, претседателката истакна дека двете пријателски земји имаат заеднички стратешки цели и интереси за траен мир, стабилност и просперитет на регионот и пошироко.
Претседателката Сиљановска Давкова упати честитки до премиерот Андреј Пленковиќ по повод формирањето на новата Влада во Република Хрватска.
Претседателката Сиљановска Давкова ја истакна важноста на цврстата и континуирана хрватска поддршка за македонскиот евроинтегративен процес како најдобар пат за развојот на регионот и за стабилноста на Европа. Таа ја нагласи и посветеноста на двете земји како НАТО сојузници за промовирање и споделување на заедничките вредности и одговорноста кон НАТО и придонесот за меѓународните мировни операции.
Сиљановска Давкова денеска ја прими и амбасадорката на Република Србија, Невена Јовановиќ.
На средбата се разговараше за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, при што претседателката Сиљановска Давкова ја реафирмираше определбата од македонска страна за натамошно унапредување на меѓусебните односи по пат на отворен дијалог, за сите прашања од заемен интерес.
Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека просперитетот и стабилноста на целиот регион, но и неговата европска интеграција, меѓу другото зависат и од нашите добри билатерални односи и посочи дека ќе работи во насока на продлабочување на односите, проширување на соработката, зацврстување на заемната доверба, разбирањето и добрососедството.