Европската перспектива на Северна Македонија, добрососедските односи, регионалните иницијативи, како и очекувањата во периодот што претстои, беа главни теми на денешната средба во Брисел на вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворешни работи, Бујар Османи со специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан и дијалогот Белград – Приштина, Мирослав Лајчак.
Како што соопшти владината Прес-служба, на средбат едногласено било заклучено дека Северна Македонија е подготвена да ги почне преговорите со Европската Унија, при што било потенцирано дека земјата е успешна европска приказна во регионот, а со тоа и пример за другите држави од Западен Балкан – јасно прикажувајќи ја трансформативната моќ на европската идеја.
– Од тие причини, европската перспектива на Северна Македонија мора да продолжи без разлика на предизвиците на овој пат. Тоа ќе биде потврда за одржувањето на политиката на проширување на агендата на ЕУ, но и дека вистинското инвестирање во реформите и во добрососедските односи значат и сигурен влог во подобра иднина за граѓаните, заклучено е на состанокот.
Во оваа прилика Османи и Димитров посочиле дека земјава високо ја цени улогата што од страна на ЕУ му е доделена на амбасадорот Лајчак како посредник во разговорите помеѓу Србија и Косово, како и на други прашања во регионот.
– Во тој контекст, од македонска страна на средбата беше нагласено дека како непосредни соседи имаме особен интерес од успех на дијалогот Приштина – Белград, посредуван од ЕУ. Приближување на ставовите на двете страни и нормализацијата на односите меѓу двете земји ќе претставува огромен влог во стабилизацијата и европеизацијата на целиот регион, се додава во соопштението.
Работната посета на Брисел Димитров и Османи ја заокружија со работен ручек со претставници на Генералниот директорат во Европската комисија за соседство и проширување, на кој беа разменети мислења за постигнувањата и идните реформски планови.