Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се сретна со Жозеп Борељ, потпретседател на ЕК и висок претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, во рамки на НАТО Самитот во Вашингтон.
На средбата стана збор за нашето европско досие, процесот на пристапување во Европската Унија и внатрешно-политичката динамика во земјата.
Воедно, Муцунски ја апострофираше нашата цврста заложба за имплементација на реформските процеси, како и определбата за посветена работа во насока на забрзување на евроинтегративниот процес на земјава.
Муцунски истакна дека земјата останува силно посветена на евроинтегративниот процес, особено во делот на исполнување на условите и имплементација на реформите. Притоа, ја нагласи потребата од забрзана интеграција со учество во повеќе конфигурации на Советот на ЕУ, зголемена помош или прогресивен влез во политиките и придобивките резервирани за земјите членки. Во тој контекст, беше поздравен и Планот за раст на ЕУ и нашата посветеност на Реформската агенда, што е значајно за стабилноста и просперитетот на нашите граѓани и земјите од регионот.
„Нашето членство во Европската Унија останува најважен приоритет на новата влада. Потребно е земјите од Западен Балкан да покажат проактивност во делот на исполнување на реформите, додека ЕУ треба да ги потврди заложбите и подготвеноста за прием на нови земји членки. Зачувувањето на кредибилитетот на процесот на проширувањето е од клучно значење, а во моментот неопходна е постепена интеграција пред формално членство во Унијата”, истакна Муцунски.
Соговорниците се осврнаа и на европските интеграции во регионален контекст, а ги разгледаа и модалитетите за зајакнување на соработката меѓу државите од регионот и ЕУ. Воедно, ја поздравија целосната усогласеност на земјава со Заедничката надворешна и безбедноста политика на ЕУ, што е особено значајно имајќи ги предвид актуелните геополитички случувања.