Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во вторник ќе се сретне со претседателот на САД, Џо Бајден, соопштија од кабинетот на израелскиот лидер.
Двајцата лидери последен пат се сретнаа во Тел Авив на 18 октомври, непосредно по нападот на Хамас во јужен Израел на 7 октомври.
При нападот, милитантите на Хамас, кој е прогласен за терористичка организација од САД и ЕУ, убија повеќе од 1.200 Израелци и земаа околу 240 заложници.
Се претпоставува дека околу 116 заложници сè уште се држат во Газа, вклучувајќи и 42-ца за кои израелската војска верува дека се убиени.
По нападот на 7 октомври, Израел започна офанзива во Газа за да го уништи Хамас.
Како резултат на израелските копнени и воздушни офанзиви во регионот, според палестинските здравствени власти, загинале повеќе од 38.000 Палестинци.
Според извештаите на медиумите за најавената средба на Нетанјаху и Бајден, се очекува разговорите да бидат фокусирани на обидите да се обезбеди прекин на огнот во Газа и на можностите за ослободување на заложниците во замена за палестинските затвореници.
Во меѓувреме, во Израел се зголемуваат критиките за патувањата на Нетанјаху во странство. Демонстрантите бараат тој да го напушти Израел дури откако ќе се постигне договор за ослободување на заложниците.
За време на престојот во САД, Нетанјаху во средата ќе се обрати и пред американскиот Конгрес за да зборува за акциите на израелската армија во Газа.
Односите меѓу Бајден и Нетанјаху се сметаат за затегнати, особено по видеото што неодамна го објави израелскиот премиер, во кое тој жестоко ја критикува американската влада затоа што суспендираше дел од воената помош.