Претседателот на Собранието – Африм Гаши, денеска оствари прва средба по изборот на функцијата со евроамбасадорот Дејвид Гир и со претставници на Делегацијата на Европската Унија во земјава.
Честитајќи му го изборот на Гаши за претседател на Собранието, амбасадорот Гир изрази очекување дека новиот парламентарен состав ќе работи посветено во остварување на стратешката цел на земјата за полноправно членство во Европската Унија.
Гаши, од своја страна, се заблагодари за недвосмислената и континуирана поддршка на европските институции за процесот на проширување. Тој го поздрави Планот за раст на Западен Балкан, кој, како што рече, треба дополнително да го поттикне регионот да се подготви за членството во ЕУ, посебно преку спроведување реформи во делот на владеењето на правото, зајакнувањето на демократските институции, борбата против корупцијата, економскиот развој.
Соговорниците разговараа и за можностите за продолжување на „Жан Моне“ дијалогот, кој го оценија како мошне ефикасен и целисходен во изминатиот период, при што претседателот Гаши посочи дека новиот собраниски состав веќе функционира врз основа на новиот Деловник.
Претседателот на Собранието, исто така, изрази задоволство за тоа што новата Методологија на ЕУ за проширувањето предвидува засилена улога на парламентите во преговорите, уверувајќи дека новиот парламентарен состав ќе се вложи целосно во овој процес.