Средба Азески – Масутис: Продлабочување на соработката меѓу С. Македонија и Грција предуслов и за регионален напредок

by Fokus

Синоќа во Солун беше остварена средба меѓу претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески и претседателот на Унијата на трговско-индустриските комори на Грција, Јоанис Масутис. На средбата се апострофираа неколку клучни точки кои се приоритети во соработката меѓу двете земји, а кои се однесуваат пред сè на продлабочување на соработката преку подобра инфраструктура и пофункционално вмрежување на компаниите од двете земји. Беше подвлечено и дека Солунското пристаниште е точка на спојување на бизнисите и Грција сноси огромна одговорност за негово нормално функционирање.

На состанокот со Масутис, освен за продлабочување на соработката меѓу Грција и Северна Македонија, претседателот Азески разговараше и за актуелните прашања од економското опкружување на земјите од Балканот вклучувајќи ги и перспективите на балканските земји за приклучување кон Европската Унија, како и прашањето за трговската и економската интеграција на земјите од регионот.

Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески е претседател и домаќин на Асоцијацијата на балканските комори (АБК) за тековнава година. Во таа насока на почетокот од 2025 година во Скопје ќе се одржи работна средба на АБК на која ќе се разговара за развојот на инфраструктурата на Балканот во функција на развој на бизнисот, особено за железницата која е рак рана на транспортот како важна алатка во нашето работење. Во овој контекст претседателите на двете комори на средбата во Солун ги акцентираа главните прашања кои ќе бидат предмет на дискусија и на преземање конкретни чекори на состанокот на АБК кој ќе се одржи набргу во Скопје.

АБК-Асоцијацијата на балканските комори е здружение на 11-те стопански комори од Балканскиот Регион кое годинава одбележува 30 години од своето постоење. Целта на Асоцијацијата е создавање интеграција и развој на стопанската соработка во регионот.

Членки на АБК, покрај Стопанската комора на Северна Македонија се и Стопанската комора на Албанија, Стопанската комора на Бугарија, Надворешно-трговската комора на БиХ, Стопанската комора на Црна Гора, Унијата на трговско-индустриските комори на Грција, Стопанската комора на Кипар, Стопанската комора на Романија, Стопанската комора на Србија, Унијата на коморите и стоковите берзи на Турција и Стопанската комора на Косово.

Вкупната трговска размена на Република Северна Македонија со Република Грција за периодот јануари-октомври 2024 година изнесува 1,15 милијарда САД $, со пад од 7,3% во однос на истиот период од 2023 година. Притоа за овој период, остварен е извоз во вредност од 251 милиони САД $, со пад од 10.4%, додека, пак, увозот изнесува 896,3 милиони САД $, со пад од 6,3% споредено со истиот период од 2023 година. Во вкупната надворешно-трговска размена на Република Северна Македонија со Република Грција за периодот јануари-октомври 2024 година остварен е трговски дефицит од 645 милиони САД $.

Вкупната трговска размена на Република Северна Македонија со Република Грција пак за 2023 година изнесува 1,46 милијарди САД $, со пад од 17.7 % во однос на 2022 година. (најмногу поради падот на цените на енергенсите). Притоа за 2023 година остварен е извоз во вредност од 331,2 милиони САД $, со пад од 3,3 %, во споредба со 2022 година додека, пак, увозот изнесува 1,13 милијарди САД $, исто така, со пад од 21,1 % споредено со 2022 година. Во вкупната надворешно-трговска размена на Република Северна Македонија со Република Грција за 2023 година остварен е трговски дефицит од 797 милиони САД $.

Република Грција ѝ е трет трговски партнер на Република Северна Македонија за 2023 година а за 10 години заклучно со 2023 година вкупните инвестиции од Грција во Северна Македонија изнесуваат 445 милиони евра, што значи дека Грција е еден од нашите најголеми инвеститори и трговски партнери.

Поврзани новости