Полицијата денес во близина на Неготино уапсила српслки државјанин во чие возило биле пронајдени мигранти од Сирија.
„Денес во 12.15 часот во близина на Неготино, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Михајлово го лишиле од слобода М.Н.(30) од Република Србија. При контрола во патничко возило „форд мондео“ со српски национални ознаки, кое го управувал, биле пронајдени шест лица мигранти од Сирија. За настанот бил известен јавен обвинител, а мигрантите биле сместени во прифатно-транзитен центар. По целосно документирање на случајот против М.Н. ќе биде поднесена соодветна пријава“, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Полициски службеници на СВР Тетово денес го привеле 52-годишниот Х.А. од тетовска Голема Речица, кој е баран по централна потерница со судска наредба за издржување на казна затвор од две години и шест месеци.
„Лицето било спроведено во Казнено-поправната установа Затвор Тетово за издржување на казната, соопшти МВР.
Вчера полицијата во Тетово привела двајца странски државјани, кои во земјата влегле со туристички вози, а биле затекнати како изведуваат градежни работи.
„Вчера околу 13.40 часот, полициски службеници на СВР Тетово ги привеле Ф.К.(47) од Република Косово и Р.Г.(32) од Република Албанија, поради сомнение дека го злоупотребиле туристичкиот престој. Тие биле затекнати додека изведуваат градежни работи во објект во изградба покрај патот за тетовско Фалише. Двајцата странски државјани се задржани во Полициска станица Тетово за натамошна постапка“, соопшти МВР.
Полицијата во Битола поднесе кривична пријава против С.М.(26) и Н.А.(53), двајцата од Битола, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба“.
„Пријавените на 18 март ја скинале оградата на главниот транспортен систем во РЕК Битола и одзеле предмети во вредност од 1.268.068 денари“, соопшти МВР.