Против 43-годишен државјанин на Србија, кој одгледува канабис во Струмица, му се заканува затворска казна од шест месеци до три години затоа што не го испочитувал Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци. Како што велат од полицијата, Србинот со иницијали В.П., не ги пријавил до Министерството за здравство и Министерството за земјоделство настанатите промени во одгледување на конопот. Освен затворска казна за Србинот, на фирмата и се заканува парична казна.
„СВР Струмица поднесе кривична пријава против В.П.(43) од Р.Србија, со привремено престојувалиште во Гевгелија и правно лице од Гевгелија, поради постоење основано сомнение за сторени кривични дела казниви по член 95-в став 2 во врска со став 1 и член 95-в став 1 од Законот за опојни дроги и психотропни супстанци. Имено, пријавениот В.П. на 15.02.2023 не постапил согласно член 29-г од Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци, така што не ги евидентирал и пријавил до Министерството за здравство и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство сите настанати промени и отстапувања во одгледувањето на канабисот, кои биле претходно планирани во елаборатот“, соопштија од МВР.