Србија става „клуч“ на сите граници

by Fokus

Во Србија утринава се регистрирани 118 случаи на заразени со вирусот Ковид-19, 15 повеќе од вчера, веќе петти ден на сила е вонредна состојба, од втор ден на сила е полициски час и забрана за излегување на постарите од 65 години, а од утринава се затворени и сите гранични премини за патнички, железнички и речен сообраќај, како и меѓуградскиот сообраќај, освен за патнички возила.

Како што јави дописникот на МИА, во текот на минатата ноќ на 19 лица одреден им е притвор поради кршење на мерката за самоизолација.

Министерот за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ изјави за РТС дека втората вечер од полицискиот час во Србија била релативно мирна и им се заблагодари на сите што ја сфатија важноста да бидат сериозни и одговорни. Тој изјави дека вкупно 154 лица се уапсени поради кршење на мерките на Владата. Исто така, од осум часот утрово, во кампот во Моровиќ, крај Шид, во карантин се ставени 66 лица, кои влегле во Србија од жариштата на пандемијата и оние кои ја прекршиле мерката за самоизолација.

Тој додаде дека од 14 март до денес во Србија влегле 76.000 српски државјани и дека ова е огромен притисок врз полицијата, која мора сите да ги повика на телефон и да провери дали ги почитуваат мерките за изолација.

Полицискиот час, што трае од 20 до 05 часот, најавено е дека ќе биде проширен, а од денеска во Белград во овој временски интервал укинат е целиот јавен превоз.

Епидемиологот Предраг Кон изјави за РТС дека во Србија завршила втората недела од епидемијата на корона вирус и дека третата недела е една од клучните, додавајќи дека целта е развлекување на епидемијата и дека несомнено да таа ќе трае уште шест недели во ваков режим.

Поврзани новости