Српското министерство за градежништво, сообраќај и инфраструктура очекува новиот заеднички железнички граничен премин меѓу Македонија и Србија да биде изграден до крајот на 2021 година, пренесува Мета.
– Покрај изградбата на новите објекти и реконструкцијата на постоечките за создавање услови за работа на преминот, планирано е проширување на железничкиот капацитет на станицата која технолошки не била планирана за функцијата која во моментов ја обавува. Планирано е сите активности да бидат изведени без прекин на сообраќајот – појаснуваат од српското министерство за Мета.
Владите на двете земји формирале управен одбор во кој сите надлежни органи од двете земји учествувале со свој претставник во изработката на проектната документација за идниот објект со планирана површина од 2.500 метри квадратни.
– Треба да се има на ум дека обезбедувањето на средства од донација за оваа намена си има своја процедура и динамика, која не зависи од волјата на корисниците на проектот. Забрзување во овој дел на активностите не е возможно – велат од српското Министерство за градежништво, сообраќај и инфраструктура.
Идниот објект ќе биде првиот изграден по европски стандарди, со современо опремени простории за сместување на граничните органи на двете земји, во чии рамки е предвидена и лабораторија за ветеринарно и фитосанитарно испитување.
Официјалните власти од Белград очекуваат заедничкиот железнички граничен премин кај Табановце да почне да се гради во текот на 2020 година, со рок на завршување на градежните активности од 18 месеци.
Извор – Мета