Ивица Дачиќ – министерот за надворешни работи на Србија денеска ги демантираше наводите за наводен извоз на оружје и воена опрема во Украина, кои ги објави британската агенција Ројтерс.
Дачиќ изјави дека Србија, почитувајќи ги внатрешните и меѓународните правни акти, не извезува оружје и воена опрема во ниту една земја доколку тоа овозможи избивање или продолжување на вооружените конфликти, загрозување на зачувувањето на регионалниот мир и безбедност или закана за нејзините одбранбени интереси, соопштија од српското МНР.
Тој истакна дека Србија се придржува до својата политика на воена неутралност и ги спроведува Заклучоците на Советот за национална безбедност од февруари минатата година.
Во соопштението се наведува дека„од почетокот на руската инвазија на Украина, од Србија не е извезено оружје на ниту една од страните во конфликтот“.