Повеќе домашни музички ѕвезди ќе пејат за дочекот на Новата година на плоштадот ,,Македонија’’. Според организаторите, забавата ќе почне во 19,30 часот со DJ Douz, потоа настапува Адријан Гаџа од 21 до 22 часот. Следува Слаткар од 22,10 до 23,10 часот, а Новата година присутните ќе ја дочекаат со настапот на Каролина Гочева, кој ќе започне од 23,15 до 15 минути по полноќ и настапот на Миле Кузмановски, кој што ќе ги забавува присутните се до 1, 30 минути по полноќ.
Ова е веќе десетта година по ред, како „Македонски Телеком“ се вклучува во прославата на Нова година. Покрај „Македонски Телеком“, организатори се и град Скопје и ,,Пивара Скопје’’. Освен богатата музичка програма, подготвени се и други забавни содржини, како Новогодишен базар, детски програми, дедомразовска трка, огномет…
Градот Скопје оваа година издвои три милиони денари за организацијата на Новогодишниот базар и дополнителни два милиони денари за дочекот на Новата година. И во останатите поголеми градови се организира дочек со музички ѕвезди, но се уште никој официјално нема соопштено кој ќе гостува и за која сума. Познато е само дека во Охрид на плоштад ќе пее Елена Велевска.
И додека кај нас општините имаат еден вид натпревар кој да донесе поголема ѕвезда, во Србија веќе започнаа неколку петиции, во кои што граѓаните бараат средствата наменети за дочекот, да се уплатат на сметките на деца на кои што им е потребно лекување, и за кои што се собира помош со СМС пораки.
Петицијата насловена ,,Подари живот – не сакаме Новогодишен концерт’’ веќе ја потпишале граѓани на Ниш, Чачак, и повеќе градови најавиле дека ќе се приклучат. Инаку, во Чачак беше планирано да настапи Лепа Брена, а во Ниш ,,Бјело Дугме’’.
,,Не е време за славење и концерти, додека постојат млади животи кои треба да бидат спасени и кои што тоа го очекуваат од нас. Наша обврска е да ги исполниме овие очекувања. Знаеме дека и вам срцето ви затреперува кога родители на болни деца, наши мали сограѓани, бараат помош од хуманите за да ги спасат своите деца. „Дали би можеле да се веселите со трубачи, пејачки и танчерки во Новогодишната ноќ, а да знаете дека поради недостиг на пари за лекување се гасат млади животи?’’ – напишале нишлиите во отвореното писмо до нивниот градоначалник.
И Пожега, Нови Пазар, Суботица, Белград и Нови Сад се приклучија кон петицијата.
Вики Клинчарова