Предмалку во Белата куќа претседателот на Србија, Александар Вучиќ и косовскиот преимиер Авдулах Хоти го потпишаа Договорот за економска нормализација под покровителство на американскиот претседател Доналд Трамп.
Тој попладнево имаше поеднични средби со двајцата, а потоа и го потпишаа договорот.
По првиот ден од преговорите во Вашингтон, Вучиќ изјави дека за време на состанокот му бил презентиран нацрт-договор, во кој се споменува меѓусебно признавање и дека тој го отфрлил, додека Хоти не одговори дали имало таков предлог, но истакна дека „штетните договори за Косово, неприфатливи за Косово, никогаш немаат дојдено и нема да дојдат од „Белата куќа“.
Специјалниот пратеник на претседателот на САД за преговорите меѓу Србија и Косово, Ричард Гренел, изјави дека „изненадувањата во преговорите се секогаш добри затоа што тие вршат притисок врз двете страни да направат повеќе, да создадат повеќе“.
-Понекогаш се преправаат пред медиумите дека тоа е поголемо изненадување отколку што е, изјави Гренел.
Приштинската телевизија Клан Косова објави дека во Вашингтон денес се очекува да биде потпишан економски договор меѓу Белград и Приштина, кој не вклучува меѓусебно признавање, додавајќи дека Трамп се очекува „да го претстави потпишувањето на договорот Белград-Приштина како успех на Белата куќа во присуство на двете страни“.