Србија денеска го слави Денот на државноста. Во Орашац се одржа државна церемонија, студентското движење организира масовна акција „Да се сретнеме на Сретење“ во Крагуевац, а владејачката Српска напредна партија ги покани симпатизерите на митинг во Сремска Митровица, каде ќе говори српскиот претседател Александар Вучиќ.
Студентите, кои речиси три месеци блокираа повеќе од 60 факултети во четири државни универзитетски центри, барајќи одговорност од властите за смртта на 15 лица на железничката станица во Нови Сад, синоќа од Белград, Нови Сад, Ниш и неколку други градови пеш пристигнаа во Крагуевац по тридневен марш и оддалеченост од 1510 километри. Тие беа пречекани со овации, огномет, црвен тепих и бура од емоции.
Тие во девет утринава ја започнаа 15-часовната кампања наречена Да се сретнеме на Сретење, симболично поврзувајќи ја со годишнината од усвојувањето на т.н. Сретењскиот устав од 1835 година на тогашното Кнежество Србија, кој, по достигнувањата на Француската револуција, беше еден од најмодерните и најлибералните устави на таа ера.
Тие ги поканија сите граѓани на Србија на митингот, а репортерите на белградските медиуми јавуваат дека илјадници луѓе им се придружуваат на студентите од цела Србија и дека пристапните патишта до Крагуевац се пренатрупани.