Во Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, кој беше објавен на веб-страницата на Министерството за правда, предложено е да се воведат три нови кривични дела поврзани со оружјето, а за постоечките се предлагаат построги казни.
Како нови кривични дела се предлагаат:
Обучување на малолетно лице за употреба на огнено оружје,
Несовесно поседување огнено оружје
Недозволено носење огнено и ладно оружје за инвалиди на јавно место.
Во предлогот за кривичното дело Обучување малолетно лице за употреба на огнено оружје се предвидува лицето кое давало упатства или обучувало малолетно лице да користи огнено оружје, да добие казна затвор од три месеци до три години.
Истата казна е предвидена и за одговорното лице на стрелачката организација или стрелиштето кое дозволува пристап на малолетно лице.
Кривично дело Несовесно држење огнено оружје предвидува казна од 6 месеци затвор до 5 години затвор за тој што несовесно држи оружје а има дозвола за поседување, па како резултат на таквото поседување друго лице ќе стори кривично дело со тоа оружје.
Во следниот став е предвидено дека доколку употребата на тоа оружје од друго лице резултира со тешка телесна повреда или смрт, сопственикот на оружјето ќе се казни со затвор од две до 12 години.
Исто така, тој што на јавно место спротивно на законот носи онеспособено огнено оружје, старо оружје и негови современи копии во кои не се употребуваат куршуми, како и ладно оружје, како ножеви, мачети, сабји, може да се казни со парична казна или со затвор до две години.
Се предлага да се зголемат минималните и максималните казни за неовластено носење огнено оружје од 2 до 12 години, на 5 до 15 години затвор, како и за носење огнено оружје за кое има дозвола да држи надлежен орган, од шест месеци до пет години затвор, на една година до 8 години затвор.
Меѓу предлозите за ново кривично дело е и објавување на материјал кој содржи совети за извршување на кривично дело кое во основна форма предвидува затворска казна од три месеци до три години.
Дополнително, ќе биде казнет и тој што ќе интервенира во пристапот до тој материјал, како и тој што ќе пристапи до материјалот, за што се заканува парична казна или затворска казна од една година.
Како материјал, како што е наведено во Нацртот, се смета секој материјал кој звучно или визуелно содржи упатства или совети за употреба на средства за извршување на кривично дело или предмети кои произлегуваат од извршување на кривично дело.