Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека Србија добила 600 милиони евра од ЕУ за изградба на дел од брзата пруга Белград-Ниш и додаде дека по таа пруга ќе се стасува за само 100 минути.
Како што пренесува РТС, станува збор за договор за првата транша од инвестицискиот грант за изградба на брзата пруга Белград – Ниш, за вкупно 598 милиони евра, а во рамки на финансискиот пакет за железничкиот Коридор 10, кој денеска симболично беше потпишан на возот меѓу Прокоп и Ресник, на делницата на идната брза пруга.
Договорот го потпишаа шефот на регионалното претставништво на Европската инвестициска банка (ЕИБ) за Западен Балкан, Алесандро Брагонзи и српскиот министер за градежништво, Горан Весиќ, во присуство на претседателот на Србија, Александар Вучиќ. и европскиот комесар за проширување, Оливер Вархеји.