За месец јануари имаме само две прокнижувања, срамота е да кажам, од колеги кои свиреле за дочекот на новата година во хотели. Тоа е така бидејќи на хотелите и посериозните ресторани повеќе им одговара да плаќаат преку сметка, затоа што нема како да ги оправдаат парите дадени на рака. Никој друг од цела естрада, кој пеел од почетокот на годината, нема подмирено давачки, односно пееле на ,,диво” – за ,,Фокус” открива Горјан Стојановски, претседател на Здружение на естрадни уметници на Македонија.
Појаснува дека овде не станува збор за оние пејачи кои настапуваат на општински манифестации, туку се работи за настапи во кафеани, ресторани, хотели…
Според Стојановски, по сите состаноци и средби кои ги имале во време на кризата, кога музичарите бараа државна помош, бидејќи не можеа да настапуваат, лекцијата не е научена. Се укинаа забраните за настапи, се продолжи по старо, вели, и најавува дека ќе има засилени контроли во локалите, за да се утврди кој настапува според договор и на кој начин се врши исплатата.
Како што било утврдено, кога музичар настапува во ресторан, на пример, се правел преддоговор со оној кој го ангажира, а потоа се склучувал и договор. Хонорарот требало да се плати на сметка, плус околу 11 проценти персонален данок. Исто така, организаторот бил должен да уплати на сметката на здружението сума од 5% за хонорар до 10.000 денари, или сума од 3% за хонорар од над 10.000 денари.
Иако целата јавност сведочи на настапите на нашата естрада, која изминатиот период редовно гостува во локали и се споделуваат фотографии и снимки од преполни локали, па и лепење на бакшиш, кога станувало збор за подмирување на давачките, поразително било тоа што никој не бил заинтересиран, појаснува претседателот.
-Во ЗЕУМ лани имавме околу 800 членови. Годишната членарина изнесува околу 2.000 денари. Од почетокот на оваа година членството го обновија околу десет музичари, верувам дека бројот ќе расте. Но, покрај плаќањето на редовна годишна членарина, музичарите се свесни дека имаат и други обврски. Всушност, тие дури и не плаќаат ништо, тоа го прави организаторот на настанот, односно сопственикот на локалот. Мора конечно да се сфати дека давачките мора да се подмируваат, и нема повеќе место за нелегитимност – вели претседателот на здружението, кој и самиот е музичар.
Потсетува дека во сите развиени земји во светот постојат системи на функционирање на државата и вработените од сите сектори, односно и приватниот и државниот сектор. Не е ништо ново дека сечија заработувачка треба да биде прокнижена и за неа да се подмири данок на добивка. Секое дејство кое е спротивно на тоа, односно избегнување на плаќање на данок е казниво со закон. Тоа си се државни правила кои важат за сите, без исклучок и важат за сите професии, без разлика дали некој е молер, автомеханичар, доктор или музичар.
-Во музичко-сценската естрадна гранка, мал е бројот на естрадни уметници кои работат со договори и своите примања ги прокнижуваат по легален пат. Опасноста која сега постои е дека, иако властите години наназад знаат за овој проблем, прогледуваа низ прсти, сепак беа во очекување дека наскоро ќе дојде ден и за решавање на истиот.
Тој ден е веќе тука и треба да се разбере дека наспроти мислењето на голем број од колегите дека не ни е во корист да се направат овие промени, сепак ние сите сме изгубиле многу повеќе од само финансии низ годините.
Нашите колеги со својата нелегитимност ги пропуштаат сите бенефити кои можеа да ги искористат од државата, како што се на пример поддршка за проекти и концерти, здравствено и пензиско осигурување, стаж, да си кредитоспособен итн…
Нашето здружение години наназад соработува со голем број на ресторани и хотели, каде беше реализирана можноста за употреба на договори за настап на нашите колеги/членови кои настапувале во овие локали и нивните настапи биле договорени преку здружението, а преку него се реализираа и исплатите за овие настапи.
Но, тоа е многу мала бројка во однос на тоа колку настапи имаат нашите членови, што значи, многу од нив работат без договори. Како што кажав, во јануари имаме само два договори!-вели Стојановски.
Потсетува дека пред естрадата стојат доста големи промени, кои се неопходни во музичката индустрија за таа поефикасно да функционира.
-За сите промени целата естрада ќе биде навремено известувана и ќе се потрудиме сите промени да бидат во корист на сите нас и она што го работиме. Во изминатиот период реализиравме неколку успешни состаноци со релевантни институции за оваа тематика и би истакнал дека за скоро време следува приклонување кон ССК-Сојузот на Стопански Комори, со што очекувам многу побрзо да се одвиваат чекорите до остварување на целите.
Исто така би открил дека како и минатата, така и оваа година сум сигурен дека ќе има засилени контроли за тоа кои музичари се регистрирани по здруженијата, а кои работат,,на диво” и дали имаат договори за настапите, односно на кој начин се врши исплата за истите.
За да не би дошле до несакани ситуации било кои од нашите колеги, ги повикуваме сите наши членови навремено да си ги ажурираат членските книшки со што тие остануваат активни и да реализираат уплата за годишна членарина во здружението, со што слободно можат да ги користат сите придобивки кои здружението ги нуди како договори за настап, фактурирање, поддршка за најразлични конкурси и посредување при исплати за истите, издавање потврди за естрадни уметници, потврди за издавање на визи и друго. Да бидеме сериозни, порача Стојановски.
Вики Клинчарова