Пишува Атанас КОСТОВСКИ
Шкендија, Академија Пандев, Шкупи и Македонија ЃП на европската сцена одиграа 10 средби, победија еднаш, двапати одиграа нерешено, а дури 7 пати беа поразени, постигнаа 9, а примија дури 22 голови! Никогаш полош биланс! Највпечатлив показател дека квалитетот на нашиот домашен фудбал, односно првенство, е меѓу најслабите во Европа, па затоа и натаму нашите прволигаши тешко можат да егзистираат од својот фудбалски производ.
Спуштени фудбалски порти или врати, сеедно. Трагично, ептен лошо е што тие врати се европски и водат директно кон вистинско фудбалско богатство! Се опарија, според ценовникот на Лигата на шампионите и на Лигата на Европа, оваа недела дури 8 фудбалски екипи од поранешната заедничка држава. Од Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина по две екипи, од Словенија и Црна Гора по една, само за екипите од фудбалски признатото Косово и од нашата земја натпреварите во европските купови прерано завршија. За нас катастрофално, дури ни поправниот испит на шампионот „Шкендија“ со луксембуршки „Дуделанж“ не го поправи впечатокот, напротив, само ја потврди добро познатата изрека – беше, помина и никогаш да не се повтори!
А еве и зошто. Сите наши екипи (Шкендија, Академија Пандев, Шкупи и Македонија ЃП) одиграа 10 средби, победија еднаш, двапати одиграа нерешено, а дури 7 пати беа поразени, постигнаа 9, а примија дури 22 голови! Никогаш полош биланс! Највпечатлив показател дека квалитетот на нашиот домашен фудбал, односно првенство, е меѓу најслабите во Европа, па затоа и натаму нашите прволигаши тешко можат да егзистираат од својот фудбалски производ. Во официјалното европско клупско натпреварување секоја победа и нерешен исход носи вистинско богатство, тоа впрочем во минатите години го почувствуваа и Вардар, Шкендија и Работнички… Шансата нешто да се заработи е пропуштена, и натаму буџетите ќе зависат од расположението на спонзорите или на висината на ваучерите од Агенцијата за млади и спорт.
Со последните резултати паѓа и рејтингот на клубовите, а со тоа и цената на нашите фудбалски таленти. Тие во моментот се меѓу најниските во Европа. Деновиве нашиот репрезентативец Висар Муслиу од „Шкендија“ направи трансфер во унгарскиот Фехервар (поранешен Видеотон) за 500.000 евра, а пак нешто порано Елиф Елмас од Фенербахче помина во италијанскиот Наполи за 16 милиони евра, со бонус од 3 милиони во зависност од настапите и успесите во новата екипа! Само пред 2 години Работнички за својот голем талент Елиф Елмас заработи само 180.000 евра од познатиот истанбулски прволигаш!
Фудбалската федерација на Северна Македонија ова лето, сепак, подобро играше од своите клубови! По долго време, речиси по две децении, македонскиот прволигашки фудбал се враќа на екраните на нашиот национален јавен сервис и тоа со два директни телевизиски преноси од секое редовно коло! За првпат, пак, нашиот прволигашки фудбал ќе се гледа и подалеку од Табановце, односно во сите држави каде што се емитува регионалниот спортски канал „Арена спорт“.
Еве, веќе овој спортски викенд има прва можност за поправање на лошиот летен европски фудбалски впечаток на нашите екипи. Впрочем, на стартот играат Академија Пандев и Шкендија, нашите најуспешни екипи од минатата сезона, победникот на националниот куп и официјалниот државен шампион. Насекаде во фудбалскиот свет новата сезона ја отвораат најдобрите, тоа се тие воведни супер куп натпревари, но за тоа треба стриктно почитување на договореното и на термините на натпреварувачкиот календар. Тој натпревар треба да биде повеќе од „одработување“обврска. Очигледно кај нас тешко се гради и почитува традицијата. Во неделата фудбалските гиганти Манчестер Сити и Ливерпул го наполнија „Вембли“, играа речиси на сите континенти, но ја испочитуваа една од најзначајните обврски – новата натпреварувачка фудбалска приказна мора да започне официјално со Супер куп пресметката на најдобрите од претходната сезона!
Добро е, нашите прволигаши ќе бидат ослободени од задолжителната натпреварувачка котизација. Трошоците за судиите, делегатите, контролорите, сето она што досега беше „книжено“ на сметка на одигрување на еден првенствен натпревар, всушност е и цената, односно висината на откупното право за телевизиските преноси! Во 36 натпреварувачки кола ќе има дури 72 преноси. Оваа извонредно голема минутажа екипите, односно фудбалерите, треба максимално да ја искористат и да не убедат дека летната европска катастрофа се должеше не на незнаење, туку на пеколните горештини! Присуството на телевизиските камери, особено сега кога и други ќе не гледаат, веруваме ќе ја подобри организацијата на самите натпревари, декорот на стадионите и, се разбира, однесувањето на гледачите, односно на навивачките групи.
Во новата сезона Велес и Струга станаа прволигашки градови, според расположивиот квалитет најдобрите од минатата година Шкендија, Вардар и Академија Пандев повторно се најсериозните кандидати за шампионската титула, за триумф во националниот куп и за повторен излез на европската клупска сцена. И во оваа натпреварувачка сезона Битола и Прилеп ги нема меѓу прволигашките градови. Ние знаеме зошто, но сега одговор на ова прашање ќе бараат и љубителите од некогашниот југословенски фудбалски простор. Навистина, што всушност се случи и се случува со Пелистер и со Победа?
Жешка тема, како и надворешните температури, зар не?