СПЦ и МПЦ-ОА одржуваат литургија на помирување во Белград

by fokus

Во соборниот храм „Свети Сава“ во Белград денеска српскиот патријарх Порфириј и архиепископот охридски и македонски Стефан ќе служат архиерејска литургија за воспоставување на „литургиско и канонско општење на двете сетрински цркви“, однсно литургија на помирувањето, јави дописникот на МИА од Белград.

Вчера Синодот на МПЦ-ОА ја прифати поканата на СПЦ за одржување литургија на помирување.

– Ја прифативме поканата од српскиот патријарх, односно Соборот на Српската православна црква за да се воспостави евхаристичко единство со сиот православен свет со оваа архиерејска литургија што ќе се отслужи во Соборниот храм посветен на „Свети Сава“, изјави вчера портпаролот на МПЦ, владиката Тимотеј.

Литургијата ќе почне денеска во девет часот, а ќе ја одржат српскиот патријархот Порфириј со владиците од СПЦ и архиепископот охридски и македонски Стефан и тројца митрополити во ранг на најстарите, во придружба на неколку нивни соработници.

Во врска со денешното одржување на заедничката литургија, митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј по седницата на Соборот на МПЦ-ОА вчера изјави дека со ова се воспоставува единство не само со СПЦ, туку и со останатите православни цркви, што, според него, е еден чекор до очекуваното конечно постигнувањето на посакуваната цел – автокефалност на МПЦ.

Тој потенцираше дека до крајот на месецов очекуваат сите православни цркви да го прифатат канонското единство со МПЦ-ОА и да биде потпишан томосот од цариградскиот и српскиот патријарх.

– Сето ова што се случува е чекор напред. Ние баравме автокефалност, изјави митрополитот Тимотеј, додавајќи дека дека архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан му испратил писмо на вселенскиот патријарх Вартоломеј во кое му се заблагодарува за неговиот чекор и ја потврдува поканата дека на Педесетница ќе патува во Цариград.

Српскиот патријарх Порфириј вчера по средбата на епископите на СПЦ со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, зборувајќи за одлуката на Соборот на СПЦ за односите со МПЦ-ОА, изјави дека „со браќата од Македонија имавме раскол, тие се вратија во единство и тоа го гледаме како чудо“.

– Ние како СПЦ имавме 50 години раскол со браќата од Македонија, со браќата за кои можеме да кажеме дека ни се најблиски. Даде Господ, пред се со молитви, па и со жртвата која ја поднесе архиепископот Јован (Вранишковски) и другите во Охридската архиепископија, со молитвите и на оние кои се членови на Македонската православна црква, да дојдеме до она што е желба и на едните и на другите и да воспоставиме единство. Да се вратат браќата од Македонија во единство со нас, па и со сите други православни цркви, рече српскиот патријарх.

На одржување на денешната литургија на двете цркви и претходеше завчерашната одлука на Соборот на СПЦ во која се наведува дека се „поздравува прифаќањето на општо признатиот канонски статус на најширока можна автономија, односно целосна внатрешна независност на МПЦ, доделен во 1959 година“. Со ова, според српски извори е „решен спорот што датира од 1967 година кога Македонска православна црква се одвои од СПЦ“.

Како што соопштија српските медиуми, со чинот на заедничка литургија ќе се воспостави литургиско и канонско единство на двете цркви, што симболично ќе означи заживување на одлуката на Светиот архиерејски синод на СПЦ, донесена во понеделник на 16 мај.

Српските медиуми нагласуваат дека според „црковните кругови, иако Соборот на СПЦ ја донесе најважната одлука, нејзиното конкретизирање ќе продолжи во директни разговори меѓу Белград и Скопје за многу правни и црковни административни прашања важни за функционирањето на идната автономија на МПЦ и Охридската архиепископија, но дека првиот чекор е направен и сите останати ќе продолжат по одржување на Соборот на СПЦ“.

Со ваквата одлука, МПЦ-ОА повеќе не е „расколничка црква“, но всушност и се признава само статусот на „автономна црква на СПЦ“, без гаранции дека некогаш ќе добие автокефалност, имајќи предвид дека за тоа, според Соборот на СПЦ, ќе биде потребен „општ православен консензус“, предупредуваат експертите в� � македонските медиуми.

Вчера претседателот Стево Пендаровски упати писмо до неговата светост Вартоломеј, архиепископ на Цариград – Нов Рим и вселенски патријарх, по повод признавањето на каноничноста на нашата Црква од страна на Вселенската патријаршија.

Во писмото претседателот Пендаровски оценува дека со примањето на нашата Црква во канонско единство и во евхаристиско општење е исправена историската неправда нанесена врз Црквата и нејзините верници. Претседателот Пендаровски изрази надеж и очекување за скорешно конечно решавање на административниот статус на нашата Црква преку доделување на Томос за автокефалност од страна на Вселенската патријаршија, истакнувајќи дека целосното заокружување на автокефалноста на нашата Црква е од врвен национален интерес, бидејќи отвора можност за нов и необременет духовен раст на Охридската Архиепископија и напредок и помирување во македонското општество.

– Оттука, не е сеедно дали нашето единство со православниот свет ќе се темели врз живата реалност на нашата Црква или врз анахрони решенија, наметнати од надвор кои се спротивни на волјата на бројните верници. Имајќи го предвид историското и канонско право на Вселенската патријаршија, заедно со моите сограѓани од православна вероисповед искрено се надевам и го очекувам скорото конечно решавање на административниот статус на нашата Црква преку доделување на Томос за автокефалност од Ваша страна. Целосното заокружување на автокефалноста на нашата Црква е од врвен национален интерес за нас бидејќи отвора можност за нов и необременет духовен раст на Охридската Архиепископија и напредок и помирување во македонското општество. На крај, Ваша Сесветост, ја користам оваа прилика Вам и на Светиот и Севишен Синод на Вселенската патријаршија да ви ги пренесам изразите на моето највисоко почитување, нагласува претседателот Стево Пендаровски.

Светиот синод на Вселенската патријаршија на 9 мај донесе одлука за отстранување на повеќедецениската шизма наложена врз нашата црква, што подразбира дека Вселенската патријаршија ја признава црковната јерархија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и воспоставува канонско и литургиско општење со неа.

– Светиот и Свештен Синод, кој заседаваше денес, понеделник, 9 мај 2022 година, под претседателство на Неговата божествена сесветост, вселенскиот патријарх г. г. Вартоломеј, исцрпно дискутираше за црковниот проблем во Скопје и, оценувајќи го во конечна фаза апелациското прибегнување (еклитон) на тамошната Црква до Мајката Црква, како и повторените повици од државата Северна Македонија, го одлучи следново: Ја прима во евхаристиско општење јерархијата, клирот и народот на оваа Црква под архиепископот г. Стефан, лекувајќи ја раната на расколот и излевајќи „вино и елеј“ врз раната на нашите тамошни, православни браќа. Кон ова се издава и соодветен Патријаршиски и Синодален акт, се наведува во одлуката.

Се додава дека се остава „на најсветата Црква на Србија да ги уреди управните прашања што ги има помеѓу неа и Црквата во Северна Македонија, секако во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание“. Во одлуката се посочува и дека Вселенската патријаршија „како име на оваа Црква го признава Охридска, имајќи ја на ум како област на нејзина јурисдикција владението во границите на државата Северна Македонија“.

Поврзани новости