Вака повеќе не оди! Наспроти сите злоупотреби и криминали за кои слушнавме од прислушуваните разговори што ги обелодени опозицијата, наспроти сите извештаи на организациите за човекови права за тешките злоупотреби, киднапирањето на институциите, заробените медиуми, изборните измами и структурното насилство кое се спроведува со години, владејачките партии добија можност да учествуваат во процесот и преговорите за надминување на политичката криза во Република Македонија. Согласноста да ги испочитуваат препораките кои произлегуваат од Извештајот на Рајнхард Прибе и препораките на ОБСЕ/ОДИХР, се потврди со потписите на лидерите на четирите најголеми партии на договорите за надминување на политичката криза од 2 јуни и 15 јули. Се потпиша и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски кој сѐ уште ја окупира премиерската позиција во земјава.
Но, Македонија сѐ уште чека на промени во Изборниот законик, реформи на Државната изборна комисија, нејзините тела и низа други реформи потребни да се обезбедат барем минимални услови за одржување слободни избори, закажани за 24 април 2016 година.
Наспроти сѐ, ние сме сведоци на еден бавен преговарачки процес и на опструирање на преговорите. Ако преговорите се одвиваат зад затворени врати, континуираната кампања не може да се скрие од очите на граѓанките и граѓаните. Истиот ден кога својот потпис го стави на првиот договор од 2 јуни за надминување на политичката криза, Никола Груевски ја интензивира својата кампања со злоупотреба на јавните ресурси и со максимална манипулација на јавното мислење преку медиумите кои ги држи под своја контрола.
Веќе се пробија роковите за промени во Изборниот законик и за други итни реформи.
ЦИВИЛ – Центар за слобода бара итно продолжување на преговорите кои ќе дадат резултат уште веднаш, денеска! Со оглед на изгубеното време, бараме да се одложат изборите за еден месец, но без одложување на оставката на Груевски, бидејќи доцнењето во спроведувањето на политичкиот договор, како и злоупотребите и кампањите, се должат на кршењето на тој договор.
Државата и онака не функционира, бидејќи сите институции се дел од агресивната политичка кампања и ништо друго.
Затоа, доколку не се престане со кампањата и не се спроведува политичкиот договор доследно, без уличарски трикови, Владата мора да поднесе оставка веднаш, а Специјалното јавно обвинителство да ја забрза својата работа. Изборите мора да ги спроведе привремена влада која доследно и транспарентно ќе ги спроведе неопходните реформи и ќе ги почитува Уставот и законите на Република Македонија.
илустрација Игор Стевковски