Полициските службеници спречија инцидент за време на денешниот протест поради отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, кога група од демонстрантите се обиде да го пробие полицискиот кордон.
Учесниците на протестот извикуваат „Татари“ и фрлаат со камења и јајца кон отворениот бугарски клуб.
Протестот го организира политичката партија Левица, а е поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, која денеска најави дека до Собранието ќе поднесе Закон за измена и дополнување на Законот за здруженија и фондации, со што ќе се спречи идното формирање на вакви културни клубови.
Отворањето на клубот предизвика реакции во јавноста, а дел од граѓаните изјавија дека не се против отворањето на вакви клубови, туку против неговото име.
Борис Трети, чие цело име е Борис Клемент Роберт Марија Пиj Станислав Сакскобургготски, станува „Цар на Бугарите“ на 3 октомври 1918 по абдикацијата на неговиот татко Фердинанд, по поразот на Бугарија во Првата балканска војна.
По водство на Борис Трети, кој во бугарската историографија е познат како „Царот обединител“, Бугарија се приклучува кон Тројниот пакт на нацистичка Германија, фашистичка Италија и милитаристичка Јапонија. Тој во април 1941 година дозволува германските сили од територијата на Бугарија да извршат агресија врз Кралството Југославија, по што за награда добива територии од распаднатата југословенска држава и Грција, вклучително и голем дел од денешна Северна Македонија. Умира неочекувано на 28 август 1943 година, набрзо по неговата посетата на Хитлер. Него на престолот го наследува син му Симеон Втори, кој останува на чело на бугарската држава до септември 1946 година, а кој од јули 2001 до август 2005 година беше премиер на Бугарија, под името Симеон Сакскобургготски.