Дуел или дебата со кого било во државата, вклучително и со претседателот на една од опозициските партии ќе се случи, но справувањето со енергетската и економската криза не се прави преку дуел или политичка дебата, туку преку работа и соработка, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање на настанот по повод реализацијата на проектот на АД МЕПСО за модернизација на телекомуникациската опрема.
Според премиерот, пред се треба посветено да се работи во Парламентот каде, како што кажа, „треба да бидат одобрувани сите закони и решенија кои се од интерес на граѓаните, наместо да се блокираат за ситни политички поени поради што не може да се реализираат антикризни мерки или финансирање на ликвидноста на секторот“.
Прашан зошто не прифаќа интервју за одредени медиуми, Ковачевски рече дека секаде каде ќе го повикаат и каде што ќе може да се усогласи терминот, во најголем број телевизии и медиуми има дадено интервју.
– За настапи на телевизии никогаш не сум правел селекција и не постои прашање на кое не сум одговарал, рече Ковачевски