На денешното рочиште за случајот „Титаник 3“ пратеникот Ејуп Алими требаше да даде исказ како обвинет, но неговата одбрана го повлече предлогот.
Обвинителката Фатиме Фетаи побара од судот да се прочита исказот на Алими даден во истрага, бидејќи обвинетиот не даде исказ за време на судската постапка. Таа појасни дека Алими за време на истрагата бил испрашан како осомничен, а пратеникот тврдеше дека бил во својство на сведок.
-Тогаш бев испрашан како сведок, немаше ниту записничар, ниту друг жив човек. Побарајте снимки од СЈО, располагаа со толку голем буџет сигурно имале камери, рече обвинетиот пратеник Алими.
Обвинителката Фетаи вели дека записникот бил потпишан од Алими.
-Некој ми се јави, излегов од владина седница и на ѕид сум ги потпишал, сум верувал во правда. Не сум верувал дека луѓе со интегритет, во кои веруваше цела држава, ќе прават вакви злоупотреби, рече Алими, иако записник се потпишува на лице место.
Судијката даде пауза за да одлучи дали ќе се чита исказот на Алими.
Во „Титаник 3“, за уништување изборен материјал се обвинети координаторот на пратеничката група на ДУИ Ејуп Алими и сопартиецот Исмет Гури за време на локалните избори во 2013 година во Чаир.
В.В.