Во пресрет на Изборното Собрание на Македонскиот олимписки комитет закажано за 8-ми февруари, повеќе од половина членки потпишаа петиција за смена на актуелниот претседател Даниел Димевски.
Поточно, 26 федерации и 5 индивидуални членови од Собранието официјално поднесоа барање за свикување Вонредно Собрание на МОК, согласно Законот за зруженија и фондации Статутот на МОК.
Барањето кое на 09.01.2024 година е примено во архивата на МОК ги содржи следните точки на дневен ред:
1. Разрешување на Даниел Димевски, актуелен Претседател на Олимпискиот Комитет на Република Северна Македонија;
2. Избор на нов Претседател на Олимпискиот Комитет на Република Северна Македонија;
3. Разрешување на актуелниот состав на Управниот одбор на Олимпискиот Комитет на Северна Македонија;
4. Избор на нов состав на Управен одбор на Олимпискиот Комитет на Северна Македонија;
5. Разно.
На барањето потпишани се боксерската, фудбалската, ракометната, боречката, голф, хокеарската, стрелачката, тениската, скијачката, пливачката, џудо, веслачката, коњичката, карате и други федерации, како и 5 индивидуалци – Гордана Нацева, Тодор Гечевски, Калач Руждија, Ѓоко Динески и Наталија Тодоровска.
Во однос на тоа реагираше Димевски, кој порача дека не бега од борба. Притоа, тој побара 5 федерации да испратат барање за вонредно Собрание и најави дека ќе им ја исполни желбата.
Меѓутоа, истакна дека иницијативата за негова смена, зад која застанале многу повеќе од 5 федерации, не ги исполнувала правните процедури. Во неговата реакција се наведува:
1. Барањето не е поткрепено со потребен број подржувачи согласно Член 29 од Статутот на ОКСМ и е далеку од мнозинство;
2. Барањето е спротивно на пропишаната процедура во Статутот на ОКСМ и Деловникот за работа на Собранието на ОКСМ во делот за постапка и рокови за избор на Претседател на ОКСМ.
3. Барањето содржи имиња на физички лица и правни субјекти кои не се на листата полноправни членки на ОКСМ со право на глас.
4. Барањето не содржи име на овластени лица согласно Статут и Одлука на надлежен орган во наведената спортска организација.
5. На Барањето има печати од спортски организации кои не се во оптек и се предмет на злоупотреба и се предмет активни судски и управни постапки.
6. Барањето не содржи образложение по кој основ и за што се поднесува.
7. Барањето не е поднесено на пропишан Образец бр.1, кој што е пропишан за оваа намена“.
Инаку, Димевски е на функцијата од 29-ти октомври 2020 година и има петгодишен мандат. Досега повеќепати беа изнесени критики и незадоволство од неговата работа. На функцијата тој го наследи Васил Тупурковски, кој 28 години го водеше Олимпискиот комитет.