Според лидерот на СДСМ, Зоран Заев, опозицијата ја злоупотребува трагедијата со тетовската болница за политички цели.
Како што додаде првиот човек на владејачката партија, модуларните болници се поставени за да не ни се случи италијанското сценарио.
„Буквално од ракав „тропате“ работи кои се далеку од секоја можна вистина. Модуларните болници се направени како во сите земји, спроведена е постапката согласно закон, а ние не треба да коментираме делови од истрагата. Се е според закон, испочитувани се сите прописи. Толку да бидете политички ориентиран за пуста желба за власт и за политичко профитерство да ја злоупотребувате оваа трагедија ви личи само вам. Да се злоупотребува за политички цели оваа страшна трагедија е проѕирно и тоа граѓаните го гледаат. Сите жалиме, но прашањето е како се поставувате како одговорен човек. Одговорноста кај мене е поголема зашто сум премиер. Поставивме модуларни контејнери претходно сработени во фабрики и за такви објекти се прави примопредавање, не се дава употребна дозвола. Објектите се поставени за да не ни се случи италијанското сценарио, како што е и секаде во светот. Злоупотребата на оваа трагедија за политички цели народот ја препознава“, истакна Заев, обраќајќи му се на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.