Според Ковачевски, МВР и Обвинителството на најпрофесионален начин ги идентификуваа сторителите на двојното убиство

by Fokus

Според премиерот, Димитар Ковачевски – МВР и Обвинителството на најпрофесионален начин, на најврвно и посветено ниво успеале да ги идентификуваат сторителите на убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски и тие да бидат изведени пред казната.

Според премиерот, за вакво грозоморно дело и злосторство следуваат највисоки казни.

Тој денеска по завршување на лидерската средба во одговор на новинарско прашање околу случајот со убиството на 14-годишната Вања, потенцираше дека излагањата на министерот за внатрешните работи и јавниот обвинител покажуваат дека се работи за изолиран случај на криминалци кои треба најжестоко да бидат казнети.

„Не би сакал да повторувам тоа што во детали го објаснија и министерот за внатрешни работи и јавниот обвинител, меѓутоа сметам дека според начинот на кој што објаснија со сите детали, експлицитно кажува дека се работи за изолиран случај на злосторници, криминалци, кои треба најжестоко да бидат казнети согласно македонското законодавство. Со ова се потврди професионалноста на нашите истражни органи, на Обвинителството, кои што без никакво влијание од кого било постапуваат по овој случај и постапуваат и во другите случаи. Криминалот има име и презиме. Обврска на истражните и правосудните органи е да се справуваат со вакви криминалци“ рече Ковачевски.

Тој се заблагодари на медиумите, но и на членовите на специјалниот тим кој беше формиран во МВР, за расветлување на двете убиства.

Поврзани новости