Билал Касами – градоначалникот на Тетово во изјава денеска вели дека актуелната Влада нема капацитет да ги реализира најавените автопатски делници од Коридорот 8.
Тој смета дека тоа е така затоа што власта има многу проекти за тетовскиот регион кои останале само во најава. Вчера Касами не беше на пуштањето плоча за изградба на Коридорите 8 и 10д, за во иднина најави дека „нема да присуствуваат на свадбите без зет и невеста на Владата“.
„Нема да присуствуваме на никакви промоции на свадби без зетот и снаата, затоа што знаеме дека оваа влада е позната по тоа што прави такви свадби. Досега само во тетовскиот регион има промовирано три проекти кои нигде не се. Прво фабриката за електрични возила која пред изборите беше промовирана, никој не знае дали кога ќе почне да се стави камен темелник. Исто така, од самиот поранешен премиер во Тетово во изборна кампања беше промовирана инвестиција од 150 милиони евра. Исто од Еколог во делот на инвестиција на резиденцијални објекти, болница и такви работи, самиот премиер Заев го промовираше. Поранешниот министер за екологија промовираше инвестиција за Попова Шапка од над 150.000.000 евра, отиде министерот – отиде инвестицијата“ – истакна Касами.
Тој рече дека со централната власт Општина Тетово нема никаква соработка во областа на образованието, со полицијата, урбанизмот и културата и сето тоа оди на штета на граѓаните.