На предвремените избори денеска во Грција се очекува според анкетите , опозициската Нова Демократија на Кирјакос Мицотакис да го освои владиното мнозинство.
Тешката економска ситуација , како и последниот пораз на изборите за европскиот парламент се на штета на актуелниот премиер, Алексис Ципрас, кој продолжува да тврди дека најлошото е минато за средната класа во Грција. Премиер Ципрас најави предвремени избори веднаш откако неговата партија „Сириза“ загуби од конзервативната опозиција како на европските избори, така и на локалните. Лидерот на „Нова Демократија“, Кирјакос Мицотакис, останува фаворит и во овој изборен процес.
Се смета дека опозицијата ќе добие повеќе од половина од местата во парламентот со 300 места. Во спротивно ќе има нови избори. Покрај Сириза, се очекува во парламентот да бидат претставени и помалите партии како „Движење за промени“, „Комунистичката партија“, и неонацистичката „Златна зора“. Лидерот на владејачката партија на неколку пати во неговите интервјуа за грчките медиуми порача дека „во натпреварот е можен пресврт“, односно дека СИРИЗА може да направи пресврт на изборите в недела, во однос на резултатот од европските избори. За Договорот од Преспа симпатизерите и гласачите на СИРИЗА велат дека е еден од најхрабрите и најпозитивните чекори направени од грчкиот премиер и додедаваат дека влијанието на решението меѓу двете земји на изборниот резултат е помало од очекуваното.
Во предизборието, конзервативецот Мицотакис најавуваше нов пристап во економијата. Сепак, планот на Мицотакис за намалување на даноците, социјалните давачки и зголемување на платите се базира на претпоставката дека економијата ќе достигне раст од 4 %, што е тешко остварливо.