Според Ахмети, поделба на Македонија ќе била тешка и за Албанците и за Македонците

by Fokus

Да ги почитуваме постигнатите договори, да успееме заедниците во оваа држава да бидат господари на нивните судбини, да не ни пречи ниту јазикот, ниту културата на другиот. Секое унапредување на јазикот и културата на другиот е напредок на државата. Колку е полојална државата кон граѓаните, толку полојални се граѓаните во државата. Имаме уште многу да направиме и ќе направиме.

Ова е пораката што лидерот на ДУИ, Али Ахмети ја упати на денешната конференција на тема „По Охрид“, по повод 20 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.

– Целосната имплементација и примена на Охридскиот мировен договор, на Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија да се применат од точка до точка сите обврски да бидеме бескомпромисни во борбата против корупцијата и криминалот. Ние Европа ја имаме блиску на прагот, но задачите треба да ги направиме сами. Ние сме земја членка на НАТО, ние треба да ја избришеме во нашите глави таа класична автономија или независност. Нема класична автономија или независност кога влегуваш во сојузништва и партнерски односи со ЕУ и треба да ги примениш нормите, правилата на сите. Колку си мал стануваш голем. Ние сме сега исто како најголемите во НАТО, но ние треба да поставиме НАТО стандарди, бидејќи ние сме барале да станеме членка на НАТО. Сигурен сум дека можеме да постигнеме, нагласи Ахмети.

Истакна дека имаат големи историски одговорности, и како политичка партија да работат со луѓето да ги надминат пресдсрасудите. Претседателот на ДУИ, нагласи дека поминале низ многу потешкотии и премрежја во текот на тие години.

– Најголемата потешкотија која ќе беше трагична и за Албанците и за Македонците ќе беше поделбата на оваа држава. Тогаш пред 20 години и оваа опција беше на маса и јас ќе бидам благодарен на НАТО, Вашингот и Брисел дека најдовме сила, поддршка против оваа трагична опција со непредвидливи последици за нашите граѓани, заклучи Ахмети.

Поврзани новости