Ограничувањето на цената до 60 долари за руската нафта транспортирана по морски пат, договорено од Г7 и Австралија, е несериозно и ќе направи малку за да ја одврати Русија да води војна во Украина, изјави вчера украинскиот претседател Володимир Зеленски.
-Тоа не може да се нарече сериозно. Одлуката, поставувањето на таква граница е доста поволна за буџетот на терористичката држава, рече Зеленски во видео-обраќање, пренесе Ројтерс.
Тој посочи дека прашање на време е кога ќе треба да се користат посилни средства.
Зеленски рече и дека светот покажал слабост со поставувањето на горната граница на 60 долари, што, како што рече, ќе го зголеми рускиот буџет за 100 милијарди долари годишно.
-Овие пари ќе одат за понатамошна дестабилизација токму на оние земји кои сега се обидуваат да избегнат сериозни одлуки, рече тој.
Мерката за ограничување на цената има за цел да го намали приходот на Русија од продажбата на нафта, но и да спречи скок на глобалните цени, наведува Ројтерс.
Москва нема да го прифати лимитот на Западот од 60 долари за барел руска нафта, изјави вчера портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, заканувајќи се дека Русија ќе престане да испорачува нафта на земјите кои ја одобриле оваа мерка.
Австралија, В. Велика Британија, Канада, Јапонија, САД и ЕУ се меѓу 27-те земји кои ја ограничија цената на 60 долари за барел руска нафта, пренесува АП.
Ограничувањето треба да стапи на сила во понеделник, заедно со ембаргото на ЕУ за руската нафта што се транспортира преку поморските патишта.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Русија мора да ја анализира оваа ситуација пред да донесе одлука за конкретен одговор.
-Би било неопходно да се намали цената на 30 долари за побрзо да се уништи непријателската економија, напиша на Телеграм Андриј Јермак, началникот на кабинетот на Зеленски.
Според договорот усвоен вчера, осигурителните компании и другите фирми вклучени во транспортот и испораката на нафта можат да работат со руска нафта само ако цената е во или под одредена граница.
Руската амбасада во Вашингтон соопшти дека руската нафта ќе продолжи да се бара и го критикуваше ограничувањето на цената како преобликување на основните принципи на функционирањето на слободниот пазар.