Два нови споменици се појавија во парк во Кисела Вода во близина на Домот на култура кој пред две години беше реновиран од претходното раководство на општината.
Пејачот на народни песни, Никола Бадев и музичарот Пеце Атанасовски, кој веќе има споменик во Прилеп се ликовите на постаментите поставени во средина на паркот, веднаш до фонтата.
Од општината за „Фокус“ кратко брифираат дека спомениците се нарачани и изработени од претходното раководство, а тие само требало ги постават. Сепак до објавување на текстот, не добивме одговор колку чинат спомениците, а не беше одговорено ниту на другите прашања кои ги испративме на мејлот на општината.
Инаку, еден од главните аргументи на СДСМ, од чии редови доаѓа актуелниот градоначалник на Кисела Вода, Филип Темелковски, беа дека ќе се стави крај на „лудилото“ со градење на спомениците.
Поставувањето на новите споменици го нема ниту на општинската веб страна, на која се бележат сите настани.
Александар Тодески