Веќе извесен период Неготино, градот кој со децении мака мачи со редовните дневни и целовечерни рестрикции на водата, посебно во летниот период, може да се пофали дека чешмите течат без прекин.
Решавање на проблемот со водоснабдувањето, традиционално за време на сите политички избори, беше главното ветување кое на неготинчани им го сервираа кандидатите на политичките партии, но никој со децении не успеа да изнајде соодветно решение, односно да го открие и санира дефектот на водоводната мрежа.
Образложенија дека водоводната мрежа е стара и дотраена, дека граѓаните сами се виновни поради рестрикциите бидејќи ги полевале бавчите со вода за пиење, беа дел од редовните одговори од надлежните, кои неготинчани ги добиваа на прашањето – Каде е водата?
Претходниот градоначалник Ванчо Апостолов од редовите на ВМРО ДПМНЕ, на свечена церемонија пресече лента на уредот за хидраулично регулирање на притисокот на водата, проект вреден над 20 милиони денари, средства од буџетот на општината, уште во 2014 година. Проектот го изведуваше фирмата ИМГД од Самобор, Хрватска, за која Апостолов тогаш изјави дека располага со сертификат дека е една од 10-те најдобро рангирани во светот во делот на одведувањето на води.
-Проблемот со водата го испраќам во историјата – изјави тој пред неготинчани, но само две недели по стартувањето со работа на уредот, рестрикциите повторно се вратија назад. Се вршеше промена на водомерите во домаќинствата, се раскопуваа цевки на улиците, но рестрикциите – остануваа.
И неговиот претходник, Пане Трајков, исто од редовите на ВМРО ДПМНЕ најавуваше решавање на проблемот со рестрикциите за време на неговиот мандат. Тогаш, неготинци а социјалните мрежи започнаа еден вид на иницијатива, во која ветуваа дека кој градоначалник ќе им донесе вода 24 часа на ден, ќе добие споменик среде плоштад.
-Голем споменик, во природна големина за градоначалникот кој ќе ни го реши проблемот. Сите граѓани сложно да го подигнеме, оти голем срам е во срцето на Европа да сме жедни, да ни се крши основното право – апелираа тогаш неготинци.
-Не сакам споменик, ама ќе сторам се за да имаме вода непречено – скромно ни изјави тогаш Трајков, но не им донесе вода на граѓаните.
Околу тоа како градот без вода во тек на летниот период за прв пат годинава нема рестрикции, актуелниот градоначалник Тони Делков појасни дека во изминатиот период се работело на откривање на дефектите поради кои се губела водата и на нивно санирање. Во изјава за медиумите, тој потврди дека градот сега нема рестрикции, што е за пофалба.
-Очекував да помине месец август, за да јас како градоначалник излезам и да соопштам дека за прв пат после петнаесет, дваесет години, општина Неготино нема рестрикции на вода. Значи, тоа е за пофалба, не сме популисти, не се водиме од популизам. Сметавме дека треба да почекаме да заврши се како што треба, па да дадеме една изјава, да покажеме како и на кој начин ние како општина заедно со ЈП Комуналец заедно сме во таква ситуација Неготино за прв пат да има вода. Ќе спомнам неколку работи кои ги направивме за Неготино да дојде до ваква добра позиција, да има 24 часа вода за пиење. Значи, тоа е дефектот во Ваташа, кој со години наназад беше неоткриен, се губеа околу 10 литри вода во секунда, дефектот е решен пред два месеци, се работи за станбена куќа и направена е шахта. Имавме координација со градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, на Бојанчите исто така 20 литри вода во секунда се одвоени и се транспортирани во главниот цевковод на Лукар, а Бојанчиште сега од други извори има доход на вода. Се надевам дека со овие дефекти кои беа крај спортската сала во Неготино, некаде околу три до четири дефекти се решени, и голем дел од таа вода, некаде околу 20 литри вода во секунда е вратен во самиот систем на водоснабдувањето. Главниот цевковод е околу 52 километри, и јас како градоначалник на првото доаѓање апелирав и заедно преку Водовод Скопје донесовме машина за да го испитаме, при што се открија овие дефекти, санирани се и Неготино во овој момент има вода – појасни Делков.
Во времето кога ја најави својата градоначалничка кандидатура, тој за „Фокус” изјави дека ја знае приказната за ветениот споменик од граѓаните, за оној градоначалник кој ќе им донесе вода, но тогаш ни изјави дека нема потреба од такво нешто, бидејќи во земјава имало споменици и повеќе од потребното.
-Градот треба да оди во чекор со модерниот свет, и доколку ја добијам довербата на граѓаните ветувам решавање на овој проблем – порача Делков пред изборната трка.
Вики Клинчарова