Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност ќе се спојат и ќе функционираат како една Агенција, потврди денеска премиерот Христијан Мицкоски.
– Да, точно, планот и тоа е дел од Програмата за работа на оваа Влада. Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност да се спојат и да се фузионираат во една агенција и тоа можам да кажам дека ќе биде процес којшто ќе трае неколку месеци. Очекувам да заврши успешно во Парламентот, изјави Мицкоски.
Ваков тип на спојување на служби имаат направено многу држави што се земји – членки на НАТО. Меѓу нив, како што појасни Мицкоски, во соседството се Република Словенија на крајот на деведесеттите години, потоа Република Хрватска на почетокот од овој милениум.
-Тоа е дел од Програмата на Владата и тоа ќе го направиме во месеците коишто следат, рече премиерот.
„Фокус“ објави дека во програмата на новата влада се предвидува спојување на Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност.
Ќе се спојуваат АР и АНБ во единствена безбедносна-разузнавачка служба
-Во соработка со домашните експерти и граѓанскиот сектор, а со цел постигнување широка граѓанска и експертска поддршка, се предвидува спојување на Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност во една единствена модерна безбедносно-разузнавачка служба.
Агенцијата ќе биде раководена од високи професионалци избрани под строго утврдени критериуми според стандардите на ЕУ и НАТО. За правилно функционирање на Агенцијата, предвидуваме изградба на комплетно нов објект за таа намена, врз основа на строги безбедносни НАТО стандарди, надвор од Министерството за внатрешни работи, пишува во програмата на новата Влада.
Иако тоа беше еден вид на решение новата власт да ги смени директорите на двете Агенции кои додека беше опозиција жестоко ги критикуваше, сепак не се чекаше.
Минатата недела претседателката Гордана Сиљановска Давкова го разреши директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу повикувајќи се на Устав и закони, но сепак не прецизираше врз основа на кои законски и уставни одредби го разреши Муслиу.
Дали Мицкоски ќе ги „гаѓа“ Коцевски, Бислимоски, Муслиу и другите избрани од претходната власт?
Тој испрати реакција дека е разрешен под партиски диктат.
Ф.Ф.С.