„Сплотени во победа“ – вака, како што неофицијално дознава Фокус, ќе гласи слоганот на иницијативата за промени во ВМРО-ДПМНЕ, која во сабота во Музејот на револуционерната борба ќе ја промовира одлуката за свикување на вонреден Конгрес на 28 март, со цел изгласување на (не)доверба на актуелниот партиски лидер Христијан Мицкоски.
Како што велат од оваа иницијатива, составена од поранешни јавни и партиски функционери, тие веќе обезбедиле поддршка од најголем број од оние над 400 делегати, кои всушност го избраа Мицкоски на челната позиција во партијата на последниот Конгрес во Валандово во 2017 година.
Додека од таму тврдат дека истите делегати кои го избрале Мицкоски сега ќе му изгласаат недоверба, со цел партијата да се врати на победничките патеки преку контруктивна политика, од раководството на ДПМНЕ, пак, сметаат дека овие делегати веќе немаат мандат да одлучуваат.
Имено, високи извори од опозициската партија посочуваат дека овие делегати биле избрани со мандат од 4 години за Конгресот во Куманово во 2015 година, кога за партиски лидер беше реизбран Никола Груевски, што, според нивното толкување, значи дека нивниот мандат е веќе завршен.
Во меѓувреме, Централниот комитет на ДПМНЕ одлучи да се одржи редовен партиски Конгрес во ноември годинава, што практично води кон сценарио двете страни да влезат во битка за политичкиот легитимитет, но и за докажување на легалноста на одлуките.
В.С.