Државната комисија за спречување на корупција утврди непотизам при вработувањето на Маја Ристовска, сопругата на поранешниот заменик министер за образование, Спиро Ристовски. Маја Ристовска во 2015 година била вработена на местото стручен соработник во Фондот за осигурување на депозити.
Антикорупционерите утврдиле дека условите на конкурсот биле така поставени за Ристовска да биде избрана, а останатите кандидати да немаат шанси.
-При увидот во документацијата се констатираше дека имало влијание на начинот на кој е спроведена постапката за вработување и на начинот на кој се барале условите. Според систематизацијата се барало седум години работно искуство, а огласот бил така направен за да се вработи лице со искуство во проекти финансирани од ЕУ и од Светска банка. Значи ги собрале сите работи на огласот кои одговарале на нејзините квалификации, со што им се оневозможиле на други лица да бидат вработени – рекоа антикорупционерите на денешната седница.
Сепак членовите на Комисијата одлучија да ја затворат постапката бидејќи предметот бил застарен. Според антикорупционерите, предметот застарува доколку во рок од три години не се преземат мерки.
Маја Васева