„Специјалниот“ претставник на Трамп за Украина пристигна во Киев на средба со Зеленски

by Fokus

Специјалниот претставник на американскиот претседател за Украина и Русија, Кит Келог, пристигна во Киев каде ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски, а на станицата беше пречекан од американската амбасадорка во Украина Бриџит Бринк.

„Добро е што сум повторно во Киев. Ќе имам одличен разговор со претседателот Зеленски“, им рече Келог на новинарите по пристигнувањето во главниот град на Украина со воз од Полска, пренесува SkyNews.

На прашањето која е неговата порака, американскиот специјален претставник одговори: “Ќе слушаме. Подготвени сме да го обезбедиме она што е потребно. Ја разбираме потребата од безбедносни гаранции. Дел од мојата мисија е да слушам. Потоа ќе се вратам во САД, ќе разговарам со претседателот Доналд Трамп за да се уверам дека разбираме сè правилно”.

Тој исто така изјави дека навистина верува дека „војната немаше да започне ако Трамп беше претседател во тоа време“.

„Тој разбира дека луѓето страдаат, го разбира уништувањето. И ние сакаме ова да заврши“, рече Келог.

Според Келог, ова не е негова прва посета на Украина. Конечната програма на тридневната посета се уште не е објавена. Претходно, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека го поканил Келог да оди со него на фронтот за да види лично што се случува таму.

Средбата доаѓа еден ден по разговорите меѓу американските и руските претставници во Саудиска Арабија за војната во Украина.

Поврзани новости