Специјални контејнери за остатоците од курбанот за Бајрам

by Fokus

„Комунална хигиена“ ќе постави контејнери од 5 кубни метри каде ќе можат да се фрлаат остатоци од животинско потекло. Според Абдусамед Шабани, директор на претпријатието, тие ќе се постават на места кои се понедостапни за граѓаните за да не се шири зараза

Јавното претпријатие „Комунална хигиена“, заедно со Општината Чаир за прв пат годинава покренаа акција за решавање на актуелните проблеми со неконтролираното одлагање на остатоци од органски отпад за време на подготовките и празнувањето на верскиот празник Курбан Бајрам.

По тој повод вчера пред Муратпашината џамија во Старата скопска чаршија се одржа прес-конференција на која се обратија директорот на „Комунална хигиена“, Абдусамед Шабани и градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, како и скопскиот муфтија Кенан Исмаили.

-По повод Курбан Бајрам ЈП „Комунална хигиена“ од вчеравечер започна акција која ќе трае се до завршувањето на празникот, бидејќи се зачести неконтролираното расфрлање на кожи и остатоци од курбанот надвор од садовите кои се специјално ставени за таа намена, изјави Шабани.

Тој додаде дека не сакаат и оваа година да се повтори случајот со минатите години.

-Затоа заедно со скопскиот муфтија и градоначалникот на Општина Чаир, упатуваме апел граѓаните да се придржуваат и соодветно да го одлагаат отпадот од животинско потекло, бидејќи тоа може штетно да влијае на здравјето на луѓето, посебно на децата, потенцираше директорот Шабани.

По тој повод, тој информираше дека „Комунална хигиена“ ќе постави контејнери од 5 кубни метри каде ќе можат да се фрлаат остатоците од животинско потекло.

Според Шабани тие ќе се постават на места кои се понедостапни за граѓаните за да не се шири зараза.

Овие контејнери ќе се постават на места каде што се коле добиток и се слави овој празник, како што се општините Чаир, Шуто Оризари и Гази Баба.

И градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу аперила да не се фрла отпадот од животинско потекло на недозволени места.

 

 

 

-Ние имаме неколку точки на кои ќе бидат поставени контејнери каде што ќе може да се одлага ваквиот отпад. За тоа кои ќе бидат тие точки каде што ќе бидат поставени контејнерите граѓаните дополнително ќе ги информираме на веб-страницата на Општина Чаир (https://cair.gov.mk), како и на веб-страницата на ЈП „Комунална хигиена“ (www.khigiena.com.mk)., изјави Ганиу.

 

Денеска во Старата скопска чаршија претставници од претпријатието „Комунална хигиена“ делеа испечатени летоци со информации за тоа како треба да одделно да се одлагаат сите видови на отпад.

 

Исто така, екипите на ЈП „Комуинална хигиена“ во текот на вчерашната ноќ и денешниот ден спроведоа акција за генерално чистење на Старата скопска чаршија, при што беше извршено рачно миење со ВАП-машини, како и метење и чистење на сите делови на чаршијата.

Поврзани новости