Специјална алатка за комуникација меѓу вработените во владините институции

by fokus

– Сите ние кои сме дел од јавниот сектор имаме обврска да комуницираме отворено и да бидеме еднакво блиску со сите граѓани. Нашата услуга треба да биде навремена и со еднаков квалитет до секој човек, до секоја заедница, порачува премиерот Зоран Заев по повод ставањето во функција на „Службен глас“  – билтен за транспарентна комуникација на вработените во владините институции.

Како што посочува Заев, билтенот е дел од стратегијата за внатрешни комуникации на Владата чија цел е информирање на вработените и нивно ангажирање со цел зголемување на нивните резултати, мотивација и благосостојба.

-Наш стремеж е „Службен глас“ да стане автентичен глас на службеникот. Успехот на секоја организација е во нејзините вработени. Ова е особено точно за владините институции бидејќи испораката на државните политики многу зависи од мотивираноста на јавните службеници, кои пак се одговорни за испорака на информации и сервиси до граѓаните, вели премиерот.

Укажува на потребата од подобра работна култура и дека јавните службеници треба да им служат на грашаните.

-Со воведувањето на овој нов канал за внатрешната комуникација и за внатрешното споделување на информации и знаења, сакаме да ја подобриме работната култура во јавната администрација. Важно е да постигнеме заедничка средина во која секој службеник ги знае и ги споделува зацртаните вредности, ги разбира политиките и посветено работи на заедничката мисија. Само така максимално ќе ги искористиме нашите капацитети, со цел подобро да им служиме на граѓаните. Отворената комуникација ќе ни донесе искреност, критика, пофалби и подобрување на нашата работа. Овие нови комуникациски алатки се нова можност да се запознаат службеникот и претпоставениот, да се зголеми довербата меѓу вработените и да создадеме нови идеи за социјализација со граѓаните и меѓу вработените. Конечно, гласот на службеникот е многу важен, тој глас може и треба да влијае врз политиките, истакнува Заев.

Поврзани новости