Специјализантите дежураат без пари, само кај нас постојат приватни специјализации од кои никој нема бенефит

by fokus

Најголем дел од специјализантите дежураат без пари, нивните права треба да бидат регулирани, изјави денеска на прес-конференција во просториите на Синдикатот на Клинички центар, доктор Нико Беќаровски.

Тој ги повика сите специјализанти да се приклучат во работата на Синдикатот.

– За нив ќе биде обезбедена и посебна единица и како синдикално раководство, заедно со лекарскиот одбор, ќе се погрижиме во следните преговори да се вклучат и правата на специјализантите. Како што знаете во моментов специјализантите, најголем дел од нив, дежураат без пари, завршуваат голем дел од работата во рамките на Клиничкиот центар. Така што, вака синдикално организирани во следните преговори ќе настапиме конечно да се регулира и нивното право. Во рамките на специјализантите секако дека треба да се избориме и за нивното право на соодветен надомест за одвоен живот, услови за сместување, сите знаеме, барем тие што сме во оваа лекарска фела дека во секоја нормална држава постојат специјални домови во кои што специјализантите се сместени по многу пристојни цени, а да не треба самите да бараат сместување, појасни Беќаровски.

Тој кажа дека се дискутирало и околу приватните специјализации.

– Не постои држава во Европа каде што постојат приватни специјализации, без да се знае за кого специјализираат. Тоа е наша уникатна пракса за што надвор ни се смеат, со оглед дека тежнееме кон Европската Унија, мислиме дека е крајно време дел од практиките што се применуваат таму, да бидат и кај нас. Значи, ќе може да специјализира тој што има потреба, јавна установа, приватна установа, меѓутоа секогаш да се знае кој стои зад тоа, додаде тој.

На приватните специјализации се осврна и претседателот на Синдикатот на Клинички центар, Предраг Серафимовски.

– Само кај нас постои приватна специјализација. Таа некаде е пет, некаде шест години. За тие пет години, специјализантите добиваат околу 26.000 или 28.000 денари, а таа специјализација, на пример, чини 10.000 евра. За тие пет години, тие може да земат и 15.000, 20.000 евра. Меѓутоа, каде одат тие специјализанти, кога ќе станат специјалисти? Што бенефит има јавното здравство од нив, од тие специјализации, кога тие не можат да најдат ни вработување во јавно здравство, значи се трошат пари за нивното усовршување, а никој не гледа бенефит, смета Серафимовски.

Тој додаде дека вработувањата треба конечно да не бидат „партиски, национално обоени“.

– Ако некој човек вреди, ако има коефициент, просек на успех, нека се вработи таму каде што треба. И не може да се бараат специјализации да се добиваат по желба. Ова не е желботека. Тука и деканатот треба да поработи малку на тие работи. Мора однапред 10, 15 години минимум, да знаат каде недостасува неврохирург, каде недостасува ортопед, каде недостасува токсиколог… и таму да се насочи, да се вработи студентот кој е со добар успех, да му се даде работа, да му се даде можност да специјализира, подвлече Серафимовски.

Поврзани новости