Дури 39 пациенти во тек на вчерашниот ден беа сместени во ковид одделението во кавадаречката болница, чиј капацитет првично беше 14 легла, за да потоа, поради зголемениот број на новоинфицирани на кои им е потребно болничко лекување, се зголеми на 40 легла.
Поради тоа, од болницата информираат дека од денес се зголемува капацитетот на постоечките одделенија за уште десет легла, и ќе има вкупно 50 кревети.
-Од денес во центарот заедно со интернистите ќе работат и доктори специјализанти, кои се вратија од Скопје, само за да помагаат со овие пациенти. Моментално имаме 39 пациенти на одделот, еден пациент на возраст од 70 години од село Сопот почина – информира д-р Диме Коцев, директор на болницата во Кавадарци.
Таму се сместуваат пациенти од Кавадарци, Неготино, Демир Капија и Општина Росоман. Според вчерашните податоци од МЗ, во Тиквешијата има 343 активни случаи на вирусот. Од почетокот на пандемијата се инфицираа 763 лица.
Вики Клинчарова