Специјалисти од Клиника Жан Митрев ќе прават бесплатни кардио прегледи за пензионерите од цела Македонија

by Fokus

Тим доктори специјалисти од Клиника Жан Митрев со „Здравствениот караван“ ќе прави бесплатни специјалистички кардио прегледи за пензионерите од целата држава. Спроведувањето на бесплатните прегледи е дел од Меморандумот за соработка потпишан денеска меѓу Клиничката болница Жан Митрев и Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија, одбележувајќи го Меѓународниот ден на здравјето.

Целта на „Здравствениот караван“ и бесплатните прегледи е да се зголемат можностите и пристапот до специјалистички прегледи за сите оние што немаат и не можат да добијат мислење од доктор за својата здравствена состојба. Клиниката Жан Митрев со овој караван ја зголемува грижата за здравјето на граѓаните и посебно за ранливи категории и оние без можност за консултации со доктор. Со прегледите ќе се прави и советување и едукација за правилно и навремено дијагностицирање на можни заболувања, сѐ во насока на превенција на срцеви заболувања.

Програмата и начинот на спроведување на Здравствениот караван е направена во соработка со претставниците на Сојузот, кои беа присутни при потпишувањето на меморандумот во состав: г-ѓа Станка Трајкова Претседател на Сојузот на пензионери, примариус д-р Стојанче Стефановски Претседател на комисијата за здравство и социјална политика при сојузот, г-ѓа Менка Темелковска – секретар на извршниот одбор на Сојузот на пензионери на Македонија и г-дин Васил Пачемски уредник во весникот Пензионер Плус.

Во име на клиниката д-р Емил Стоицовски, анестезиолог, д-р Елена А. Виларова медицински директор и д-р Жан Митрев ги пречекаа.

Прегледите ќе содржат анамнеза, ЕКГ, ултразвучен кардио васкуларен преглед и контрола на ТА. Здравствениот караван ќе се спроведува во соработка со локалните/подрачни пензионерски здруженија во текот на месеците мај и јуни, а ќе ги посети оние места и градови каде пристапот до специјалистички преглед е оневозможен.

Со оваа активност Клиниката Жан Митрев ја подигнува јавната свест во насока на грижа за кардиоваскуларното здравје со навремена превенција од кардио заболувања на посебни целни групи и навремено идентификување и намалување на ранливоста.

Исто така, со општествено одговорниот однос кон граѓаните на Македонија и нивното право на пристап до редовни специјалистички прегледи, Клиника Жан Митрев карванот го спроведува под мотото „Здравје за сите“ што е годинешниот фокус од СЗО на одбележување на Меѓународниот ден на здравјето.

Поврзани новости