Спасувачките екипи стигнаа до човекот заглавен во викендичката, заедно со кучињата се на пат кон Кавадарци

by Fokus

Специјалните екипи на Зимската служба за одржување на улици и патишта на Општина Кавадарци, по осум часа пробивање низ снежните наноси, пристигнаа до кавадарчанецот кој четири дена беше заглавен во својата викендичка.

Локацијата се наоѓала на доста непристапен терен, на околу 45 километри од градот, а до таму се стигало по земјен пат кој бил со снежна покривка од над 50 сантиметри, и со паднати гранки и дрва, кои екипата со помош на моторна пила ги отстранувала.

-Нашите луѓе стигнаа до лицето на кое му беше потребна помош. Тој и неговите две кучиња се земени, сега тргнаа кон градот. Поради лошите услови и наносите од снег, им беа потребни цели осум часа да дојат до него.

Испратив и специјален трактор кој е во моја сопственост, бидејќи местото е непристапно, се стига по земјен пат, но екипата ги совлада препреките, па нашиот сограѓанин со неговите миленици е на пат кон дома – за „Фокус“ изјави градоначалникот Митко Јанчев.

Како што известивме претходно, на лицето му било понудено да биде земено со четирицикл кој бил опремен за снежни услови, но тој одбивал да си тргне без неговите кучиња. Поради тоа, било одлучено да се тргне по него со специјална опрема и две возила, трактор и „лада нива“.

Околу тоа кој е човекот кој покажа огромна грижа и љубов кон своите кучиња и одби да биде спасен без нив, „Фокус“ дознава дека станува збор за Митко Мелов од Ваташа. Тој помина четири дена во викендичката во близина на селото Радна, пред екипите да дојдат до него по непристапниот терен.

Вики Клинчарова

Поврзани новости