Спасовски: За вакво злосторство како на Онкологија нема да има толеранција

by Fokus

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска на тв21 се осврна на истрагата во Клиниката на онкологија. Тој рече дека не може да открие детали, но го оцени случајот како злосторство.

„Нема збор кој може да го опише тоа што се случува. Се изгубила човечката димензија, и ова се состојби кои во континуитет подолг временски период траеле. Вие знаете дека имаше неколку пати јавни натписи имаше одредени пријави кои беа доставувани до министерството и до обвинителството, и тоа беше причината да се преземат дејствија. Колку и да е лошо и колку да боли, ова мора да се истера до крај и мора да се анализираат сите аргументи. Наодите кои беа објавени, информации кои се собрани од МВР бараа да се одземат соодветни електронски уреди, да се одземат одредени материјали од клиниката за онкологија, кои преку анализата ќе можат да бидат дел од доказите“ рече Спасовски.

Тој порача дека „посебен тим од полиција работи во координација со обвинителството, направен е целосен план, и интензивно се работи на прибирање на информации во овој дел.

„Бројот на лица во истрагата е поголем и не можам да излезам со бројки. Сето она кое се прави е да се утврди затоа што навистина виновниците имаат име и презиме и тие мора да бидат утврдени. За ваков чин, вакво злосторство, ваква нехуманост од било кого, нема да има никаква толеранција“ – рече Спасовски.

 

Поврзани новости