Спасовски за снимањето на Трипуновски: Тоа се манири од времето на режимот

by fokus

Државниот интерес треба да биде приоритет на сите министри и заменици во оваа техничка Влада и тука нема дилема, истакна техничкиот премиер Оливер Спасовски, кој вечерва пред почетокот на владината седница одговараше на новинарско прашање, како ја оценува работата на Владата, но и како ја коментира постапката на дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, кој во Берово при посетата ги снимаше вработените во подрачната единица. Побара сите во техничката Влада да бидат одговорни, а политичките, партиските и бизнис интересите да не ги ставаат над општиот и државниот интерес.

-Ние се наоѓаме во еден многу важен момент, а тоа е момент кога Македонија ќе стане 30 членка на НАТО. Момент кога очекуваме да ги отвориме преговорите со Европската унија и тоа дополнително не прави поодговорни во однесувањето. Затоа апелирам до сите членови на Владата, посебно до оние од опозицијата, кои очигледно сметаат дека само политичкиот или партискиот интерес е интерес број еден за нив. Граѓаните не очекуваат да ги покажеме нашите лични или партиски очекувања, туку ние пред се мора да ги исполниме очекувањата на граѓаните, рече Спасовски.

- Advertisements -

Што се однесува за постапката на дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, Спасовски забележа дека тоа се како што рече манири од времето на режимот.

-За жал не се променети, ниту сега. Јас не бев многи изненаден, затоа што истиот тој човек работеше во тој период и сега, а е многу неодговорно како дополнителен заменик министер да се однесува на еден таков начин. Дополнително, што снимањето на вработените, влегувањето во канцелариите на вработените, би рекол дрското и безобразно однесување кон вработените не е стандард, што ќе го цени било кој, ниту домашната, ниту меѓународната јавност, вели Спасовски.

Тој додаде дека органите мора да спроведат детална истрага и да обезбедат докази во однос на овој случај и како што рече да се понесе одговорност, со цел да се обесхрабрат оние кои го нарушуваат редот во институциите.

-Ова е би рекол само спектакл, замајување на јавноста од една страна и од друга страна покажување на некои начини на исто функционирање за базата, што тие ја претставуваат. Јас го осудувам тоа однесување и уште еднаш апелирам секој од нас да биде на висината на сопствената задача пред овој народ и пред оваа држава, рче Спасовски.

Поврзани новости