Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прашањето дали и зошто градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски е често повикуван на распит во полиција, одговори дека „секоја кривична пријава што ќе биде доставена мора сериозно да биде обработена“.
„Да се постапи врз основа на сите законски овластувања коишто ги има и полицијата и насоките коишто ги добива од јавните обвинители и да се преземат мерки коишто се предвидени согласно Законот за кривична постапка, така што тука апсолутно не станува збор за ништо друго освен за постапување така како што предвидува Законот. Уште еднаш напоменувам дека без разлика дали е тоа функционер, дали е обичен граѓанин, за секој еден за којшто постои сомнеж дека има некаква нелегална активност, тие нелегални активности треба да се испитуваат. Така што, ниту избори, ниту тенденции, ниту политики не може да се врзуваат за работата на македонската полиција“, рече Спасовски.