Спасовски за Прочка: Да ги оставиме зад нас делбите и конфликтите

by fokus

Пораката што ја праќа денешниот празничен ден го одредува патот на нашето внатрешно и меѓусебно помирување и ни помага во градењето на заедница на граѓани исполнети со љубов кон другиот и со меѓусебно почитување. Тоа е концепт што носи добро за сите, наведува претседателот на Владата, Оливер Спасовски во обраќањето до јавноста по повод празникот Прочка.

– Почитувани граѓани и православни верници, денеска е празникот Велики поклади – Прочка. Празникот на искрената и пожртвувана љубов кон ближните. Празничен ден кога бараме прошка и кога со тој голем дар ги отпочнуваме деновите на големиот велигденски пост, како подготовка за најголемиот православен христијански празник, вели Спасовски во пораката.

- Advertisements -

Тој на сите православни верници им честита денешниот празник и им посакува добро здравје, духовно помирување и обединување околу вистинските вредности на мир, пријателство и меѓусебно почитување што ги носи овој ден.

– Овој празник повикува и на тоа да ги оставиме зад нас делбите и конфликтите. Нѐ повикува да се подготвиме за уште посилно да продолжиме да градиме интегрирано општество во кое различностите се богатство за стабилна и просперитетна држава за сите нејзини граѓани, нагласува Спасовски.

Тој во обраќањето посочува дека пред нас е време на лична и општествена одговорност и затоа треба да почитуваме за да бидеме почитувани, да простуваме и да ни биде простено.

– На сите граѓани што денеска го празнуваат и му се радуваат на овој ден им посакувам среќен празник – Прочка. Имајте убав и спокоен празничен ден, а деновите пред вас до Велигден, нека ви поминат во радоста на простувањето, истакнува премиерот Спасовски во обраќањето.

Поврзани новости