Поранешниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, одлуката за отпуштање на 15 високи функционери во МВР, ја оцени како класична партиска чистка. Според Спасовски, не може некој кој никогаш досега не бил под дисциплинска постапка прва мерка што му е изречена да биде бркање од работа.
„Го гледаме класичниот пристап на партизација на ВМРО-ДПМНЕ, се врши дискриминација и тоа не по политичка основа затоа што полициските службеници не може да бидат членови на политички партии туку дискриминација само заради тоа на кои позиции биле и во чие време биле на позиција, изјави Спасовски на денешната прес-конфренција.
Единствено логично објаснување на ваква состојба, како што рече, е само да се задскрие настанот којшто беше со бомбата во Керамидница, истиот ден да се објави друга вест.
„Апсолутно е недозволено да овие луѓе бидат понижени, иако досега не биле ниту казнувани ниту дисциплински гонети, сите се со Сертификати, некои од нив имаат и НАТО сертификати и сосема совесно, чесно и одговорно ја вршеле својата работа.
Недопустливо е на ваков начин да се врши таков притисок и сеење на страв кај сите вработени во МВР преку ваквите случаи“ порача Спасовски.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски синоќа на вестите на Сител, откри дека во минатото се давале дозволи за оружје на луѓе кои немале право за поседување. Поради ова, Одделот за внатрешна контрола предложил дисциплински постапки, вклучувајќи откази за околу 15 високи полициски функционери од претходната власт.