Денес со гордост можам да констатирам дека имаме целосно реформирана полициска структура. Воспоставени се многу реформи во делот на полициското работење. Идејата е македонската полиција да им служи на граѓаните, затоа што граѓаните преку даноци обезбедуваат плати за целата администрација, па и за македонската полиција. Покажавме во изминатиот период како заеднички знаеме, умееме, пред се секој полицаец колку пожртвувано знае да се бори за безбедноста.
Ова го нагласи министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одговарајќи на новинарско прашање во каква состојба е МВР пет години по настаните во Собранието на 27 април.
Тој посочи дека имаме посебна служба, што не е во составот на МВР, тоа е Агенцијата за национална безбедност, формирана е посебна Оперативно техничка агенција, со што е оневозможено или е сведена на најниско можно ниво можноста за какво било нелегално прислушување. Тоа значи, потенцира Спасовски, дека институциите не можат да ги злоупотребуваат овие системи.
– Ако разговараме за настанот од 27 април, тоа е насилниот упад во Собранието, кога имаше намера да бидат убиени пратениците и да не се дозволи преземање на власта, нешто што не доликува на едно демократско општество. Ако споредиме тој момент и денеска ништо не е исто. Се е многу понапредно и државата и институциите, посебно институцијата со која раководам, а тоа е македонската полиција, изјави Спасовски, по денешната промоција на 73-от реконструиран објект, објектот на ОВР Радовиш, со што почна одбележувањето на Денот на македонската полиција – 7 мај.