Спасовски за германски весник: Годинава спречивме 10.455 обиди за илегални преминувања на границите

by Fokus

Во интервју за германскиот дневен весник Neue OZ, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски беше запрашан за моменталната состојба со илегалната миграција.

„Моменталната состојба на нашите граници не е споредлива со ситуацијата во 2015/16 година. Во тој период, повеќе од милион луѓе патуваа преку Балканската рута кон Европската унија. Во Северна Македонија, тогаш дневно регистриравме од 10.000 до 12.000 преминувања на границите. Денес, бројките се многу помали, но Северна Македонија останува важна земја на транзит кон земјите-членки на ЕУ. Годинава спречивме 10.455 обиди за илегални преминувања на границите, од кои најголем дел на јужната граница со Грција, односно годинава бележиме тренд на намалување за речиси 50% на обидите за илегални преминувања во однос на минатата година”, истакна министерот Спасовски.

Во однос на прашањето од каде пристигаат мигрантите, Спасовски рече:

„Повеќето луѓе доаѓаат од Мароко, Пакистан и Авганистан. Професионални криумчари ги носат луѓето преку граница. Во Северна Македонија во првите осум месеци откривме 74 обиди за криумчарење на 734 мигранти. Доследно го гониме криумчарењето и поведовме постапки против 68 лица за криумчарење во првите осум месеци. За повеќето мигранти, Северна Македонија е само земја на транзит кон Западна Европа”, рече Спасовски, додавајќи дека луѓето, без разлика на нивното потекло, сакаат да одат во безбедни земји со стабилна економија, посочувајќи ги земјите како Германија, Австрија, и скандинавските земји.

Поврзани новости